Екипата на Кожув го потврди ангажманот на американскиот крилен центар Кристијан Канингем, кој ќе биде едно од главните засилувања за претстојната сезона.
Станува збор за 201 сантиметар висок кошаркар, кој зад себе има богато интернационално искуство и настапи во повеќе европски и азиски шампионати.
Канингем ја мина колеџ-кариерата на Универзитетот Џексонвил Стејт, каде што остави длабока трага. Тој е најдобар блокер во историјата на универзитетот со 215 блокади, рекордер по бројот на скокови во историјата на Џексонвил Стејт во НЦАА Дивизија 1 со 864 скока, како и сопственик на рекордот за најдобар процент на реализација од игра – 62,1 проценти.
Во професионалната кариера настапуваше за израелските Хапоел Беер Шева и Рамат Хашарон, јапонскиот Кагашима Ребнајс, шпанската Палма, англискиот Бристол Флајерс, исландскиот Селфос Карфа и луксембуршкиот Амикал Штајнзел.
Со неговото доаѓање, Кожув добива кошаркар кој се одликува со цврста игра во рекетот, одличен скок и дефанзивна сигурност, квалитети од кои се очекува да донесат дополнителна стабилност под двата коша. Претходно Кожув го претстави поранешниот младински репрезентативец Дамјан Крстевски како засилување за новата сезона.


