Американскиот коментатор и спортски аналитичар Крис Брусар уште сега откри дека нема да гласа за Никола Јокиќ во МВП трката, без разлика на ефектот на српскиот кошаркар до крајот на основниот дел од сезоната.
За најкорисниот играч се гласа во април, но Брусар е категоричен дека Јокиќ не смее да победи затоа што има премногу МВП награди.
„Што се однесува до мене, Јокиќ е број 2, делумно и поради тоа што веќе освои три МВП признанија. Да немаше ниедно или да имаше едно, можеби би гласал за него. Така работиме ние во НБА, а јас сум гласач за МВП. Ни на Мајкл Џордан и Леброн Џејмс не им дававме секоја година“, рече Брусар.
Со три МВП признанија, Јокиќ се наоѓа во друштво на Лери Бирд, Меџик Џонсон и Мозес Мелоун и можеби тоа е вистинската причина што Американците не сакаат тој повторно да ја освои наградата. Повеќе од него имаат само петмина кошаркари: Чембрлен и Леброн по четири, Џордан и Расел по пет и Џабар шест признанија.
Јокиќ во моментов има трипл дабл просек (29,8 поени, 12,6 скока и 10,2 асистенции) и игра многу подобро отколку лани кога беше прогласен за МВП, но тоа веројатно нема многу да помогне во трката во која најголем фаворит е Шеј Гилџес-Александер од Оклахома Сити Тандер.


