Српскиот интернационалец Андрија Бојиќ во новата сезона повторно ќе игра во првенството на Македонија со што ќе го означи враќањето во нашата земја по пауза од три години.
Во минатото, тој во два мандата беше член на МЗТ Скопје, прво од 2018 до 2019 година и потоа во сезоната 2020/21 при што освои две шампионски титули во Првата лига и еден трофеј во Купот на Македонија. Од новата сезона, тој ќе биде член на вицешампионот Пелистер со кого денеска потпиша договор на една година.
Во Пелистер, Бојиќ доаѓа од босанскиот прволигаш Слобода Тузла, а минатата сезона ја почна во тимот на Спартак Суботица кој подоцна обезбеди пласман во елитната дивизија на АБА. Србинот е второ засилување за битолчани во пресрет на новата сезона, по Бобан Стајиќ кој се враќа во Пелистер по една сезона во Работнички.


