Женската јуниорска репрезентација на Македонија дојде до првата победа на Европското првенство Б-дивизија во Литванија откако денеска ја совлада Австрија со 78-70 во борбата за пласман од 17. до 20. место.
Победникот беше одлучен во последните минути откако речиси цел меч се играше израмнето. На две минути пред крајот, Македонија водеше со 70-68 по што следуваше серија од шест поени на нашите кошаркарки за водство од осум разлика на влезот на последната минута, негатива која Австријците не успеаја да ја достигнат.
Иако сите кошаркарки имаат придонес за победата, убедливо најдобра беше Ања Начевска која го заврши натпреварот со 23 поени и 17 скока за индекс 36. Теа Трајковски постигна 15, а Пислевска и Колева по 14 поени.
Утре јуниорската репрезентација ја продолжува борбата за пласман, а следниот противник ќе го дознае во текот на денот.


