Големата надеж на македонската женска кошарка Ања Начевска одигра одлично на Европското првенство Б-дивизија што се одржа во Литванија.
Нашата јуниорска репрезентација го освои 18. место, но резултатот и пласманот овојпат беа во втор план затоа што селекторот Виктор Петровски одлучи да им даде шанса на исклучително млади кошаркарки кои треба да бидат иднина на нашите младински, а потоа и сениорската репрезентација. Како една од најискусните, Начевска ја презеде одговорноста врз себе и беше вистински лидер на овој тим иако на добар дел од натпреварите имаше голема помош во своите соиграчи.
На крајот, таа беше меѓу најдобрите во неколку статистички категории. Заврши како трет скокач на првенството со просек од 12,7 скока и пред неа завршија само Лиса Сирги од Естонија и Габија Галванаускаите од Литванија со по 13,1. Понатаму, Начевска е на седмото место меѓу блокерите со просек од 1,8, а нејзината сестраност најдобро се отсликува по тоа што се најде на второто место според бројот на дабл дабл натпревари.
Имаше вкупно пет, но тука постои една мала неправда. На првото место во оваа статистичка категорија заврши спомнатата Галванаускаите, но Литванката одигра осум натпревари, а Начевска само шест. Процентуално, нашата кошаркарка е со подобар ефект бидејќи од шест меча, на пет оствари дабл дабл додека Галванаускаите забележа шест од осум натпревари.
Интересно е тоа што на ова Европско првенство беше забележан и еден трипл дабл. Го оствари репрезентативката на Луксембург, Дион Мажо која против Австрија постигна 16 поени, 17 скока и 10 украдени топки.


