По два одиграни натпревари, женската јуниорска репрезентација на Македонија има биланс 0/2 со два убедливи порази, но барем има со што да се пофали на Европското првенство Б-дивизија во Литванија.
Најголемиот талент во женската кошарка во земјава Ања Начевска е меѓу најдобрите 10 во дури четири статистички категории на шампионатот. По две кола, таа се наоѓа на делба на седмата позиција на листата на стрелците. Против Романија и Германија, селекции кои се меѓу фаворитите за највисоки пласман на првенството, таа постигна вкупно 32 поена што е 39% од вкупниот број поени на македонската репрезентација.
Освен тоа, Ања Начевска со два дабл дабл натпревара е лидер во овој статистички сегмент иако идентичен ефект имаат и Леа Вукиќ од Хрватска и Габија Галванаускаите од Литванија.
На крајот Начевска е меѓу најдобрите пет по бројот на скокови и блокади. Со просек од 11,5 скока е на четвртото место, а остварува по 2,5 блокади на натппревар со што се наоѓа на петтата позиција во оваа статистичка категорија.
Сепак, за подобар резултат на ова првенство, ќе биде потребно Начевска да добие помош и од останатите кошаркарки бидејќи само со тимска игра и еднаков придонес на сите инволвирани може да се оствари повисок пласман.


