Суперѕвездата на Милвоки Бакс, Јанис Адетокунбо стана 52. кошаркар во постоењето на НБА кој ја минал границата од 20 илјади поени откако ноќеска против Далас (137-107) постигна 32.
Тој е шести најмлад кошаркар кому му успеало тоа, а наскоро ќе влезе во топ-50 стрелци на сите времиња бидејќи му недостасуваат само 40 поени. Сепак, грчкиот репрезентативец најави дека не планира тука да застане и дека ќе атакува на следната голема граница.
„Ова се многу поени, но продолжувам да одам кон најголемите. Кевин Дурант има 30.000, Леброн вкупно над 50.000… Јас сигурно ќе стигнам барем до 30.000“, порача поранешниот МВП во НБА.
Досега само осуммина кошаркари во историјата на НБА постигнале 30.000 или повеќе поени: Леброн Џејмс, Карим Абдул Џабар, Карл Мелоун, Коби Брајант, Мајкл Џордан, Дирк Новицки, Вилт Чембрлен и Кевин Дурант. Адетокунбо е во НБА веќе 12 години и има една шампионска титула со Милвоки.


