По извонредната играчка, поранешната македонска репрезентативка Јелена Антиќ полека гради и успешна тренерска кариера.
Последните две сезони таа е асистент во германскиот бундеслигаш Келтерн со кого пред два дена ја одбрани титулата во домашното првенство. Тоа е четврти шампионски трофеј за клубот во последните шест години што е јасна потврда и за квалитетот на Антиќ како стручњак пред кого е светла иднина.

„Оваа титула не дојде случајно – ја освојуваме втора сезона по ред, што многу зборува за континуитетот и квалитетот што го градиме. Поставивме висока цел, а тимот покажа карактер кога беше најпотребно. Клубот има јасна визија и амбиција, а за мене лично ова е голема сатисфакција бидејќи кога работите со луѓе кои ја делат истата визија и стандарди, успехот е неизбежен. Како млад тренер, да се биде шампион две години по ред е голема одговорност, но и мотивација да се продолжи со растот како тренер“, рече Антиќ за КОШ.МК.

Младите кошаркарки од Македонија ќе имаат можност да учат од Антиќ на претстојниот камп „PERFORM ELITE“ кој во нејзина организација ќе се одржи од 14 до 19 јуни во Охрид.


