МЗТ Скопје ја потврди доминацијата во македонската кошарка откако вечерва стигна и до 11. шампионска титула во земјава.
Аеродромци повторно беа подобри од Пелистер, но сега без загубен натпревар (3-0), а триумфот за титула, како и претходните две години, го остварија на теренот на противникот. Третиот меч им припадна со 78-67 за потврда, па и оваа титула, како и претходните две ја прослави во Битола.
Пелистер и денеска беше рамноправен во првото полувреме во кое речиси постојано беше во водство кое најмногу изнесуваше девет разлика (13-4). Најзаслужен за предност беше ветеранот Александар Костоски кој во првите 20 минути постигна 16 поени со четири тројки од пет шута иако Пелистер на голем одмор замина со „само“ +4 (43-39).
Битолчани ја имаа предноста до средината на третата четвртина, а потоа целосно се смени сликата. МЗТ Скопје направи серија од 16-1 и од 50-56 отиде на 66-57 за потоа само рутински да го сочува водството и да ја прослави победата која му донесе нова титула. Пелистер се обиде со удари од дистанца, но најголем дел од обидите беа непрецизни.
Баковиќ и Гилон со по 15 поени беа најефикасни во победничкиот тим, но огромен придонес за победата имаше младиот Марин Петков кој заврши со 11 поени, ама голем дел во клучните моменти кога не му одеше на неговиот тим. Мијовиќ и Костоски постигнаа по 19 поени за Пелистер.


