Кошаркарскиот клуб Партизан деновиве им приредува невидена забава, но и сеир на љубителите на кошарката бидејќи ниедна одлука што е донесена таму, не е потврдена.
Прво Жељко Обрадовиќ поднесе оставка, претседателот Остоја Мијаиловиќ ја прифати, па следниот ден се пишмати, тренерот се врати од Атина за да преговара за продолжување на соработката, а денеска требаше да се одржи состанок на кој ќе разговара за судбината на Жељко. Кулминација на глупостите од белградскиот клуб се случува попладнево. Партизан преку социјалните мрежи објави дека Обрадовиќ не е повеќе тренер за неколку минути подоцна да го избрише соопштението. Во него пишуваше следново:
„Извршниот одбор на КК Партизан одржа серија состаноци и консултации во текот на изминатите два дена, а потоа во петокот состанок со тренерот Жељко Обрадовиќ на тема неговото останување во клубот, како шеф на стручниот штаб на првиот тим. На тренерот Обрадовиќ му беше дадена целосна и недвосмислена поддршка да продолжи да работи и да ги преземе сите потребни чекори за да му помогне на тимот да ја надмине моменталната криза во играта и резултатите.
По состанокот, а потоа и неколку дополнителни обиди од претседателот Остоја Мијаиловиќ и членовите на Извршниот одбор да го убедат Обрадовиќ да ја промени својата одлука, поранешниот тренер на црно-белите остана на својата одлука да не ја повлече оставката бидејќи не се гледа себеси како работи со сегашниот тим, како и на влијанието што секојдневната работа на ова ниво го има врз неговото здравје.
Средбата помеѓу Жељко Обрадовиќ и членовите на Извршниот одбор на КК Партизан траеше повеќе од два часа, со отворена дискусија за сите проблеми и можни решенија. И покрај низата конструктивни предлози што вклучуваа и можни намалувања во тимот, Жељко Обрадовиќ, со благодарност до сите за зборовите поддршката не ја промени неговата одлука и тој повеќе нема да биде главен тренер на црно-белите.
Кошаркарската и симболичната важност на Жељко Обрадовиќ за Партизан и кошарката на глобално ниво е неизмерна. Празнината што останува тешко може да се пополни. Вратите на Партизан се засекогаш отворени за Жељко Обрадовиќ, а Партизан секогаш ќе биде негов дом.
Поради новата ситуација, за почетокот на следната недела е закажана седница на Управниот одбор на БК Партизан, со тема назначување нов спортски директор и стратегија во работата на спортскиот сектор, по што ќе се одржи прес-конференција. Времето и местото на конференцијата ќе им бидат соопштени на претставниците на медиумите подоцна“.
Во моментов никој не знае што точно се случува таму, а клубот и да објави нешто, тоа треба да се прими со резерва.


