По успешниот влез во квалификациите за Европското првенство, македонската женска репрезентација доживеа неколку големи промени кои во од ги менуваат амбициите за продолжението на овој циклус.
Зимава, својата кариера ја заврши капитенот Анџелика Митрашиновиќ, некои од поискусните одлучија да се збогуваат со националниот тим, па на следните три натпревари од квалификациите, во тимот ќе бидат неколку млади кошаркарки. Јасно е дека во такви услови не може да се очекуваат блескави резултати, но Македонија ќе има една нова генерација во репрезентација која во следните години треба да го предводи националниот тим. Селекторот Александар Ашаданов пред дуелот со Данска побара поддршка за младите кошаркарки.
„За разлика од претходниот циклус, ова е нешто ново за нас, или нешто што е сменето е нашиот состав, кој што е далеку подмладен за разлика од претходниот. Некои од возрасните кошаркарки се веќе откажани, и веќе нема да присуствуваат на натпреварите. Затоа имаме една млада репрезентација, која пред себе треба да покаже желба, треба да го покаже тоа што го знае, и да започне нешто што треба да се гради во наредните години.
Очекуваме да го дадеме својот максимум, да покажеме борба, а се што ќе ни се пружи како шанса, сигурно дека ќе се обидеме да го земеме. Како спортски работник никогаш не можам да кажам дека се откажувам од победитеили да се откажувам од некое повисоко место на табелата. Амбициите ми се секогаш исти. Дека секогаш сакам да победувам, без разлика на тоа дали била Грција, дали била Хрватска. Но, ако ја видиме реалната ситуација, само треба да знаеме дека ние треба да им дадеме шанса. И затоа ако ни се пружи првата можност, сигурно ќе пробаме да ја искористиме. Но ова се деца и јас потполно ги охрабрувам, а се надевам дека ќе ги охрабри и целата наша нација, затоа што тие треба да бидат иднината на женската кошарка во наредниот период“, порача Ашаданов.
Македонската репрезентација в среда гостува на Данска, потоа и на Грција, а на крајот на циклусот, идната недела, ја пречекува Хрватска. Во претходните три меча, оствари една победа и два пораза.


