Тренерот на Панатинаикос, Ергин Атаман, очигледно тешко го поднесе поразот од Баерн, во последното коло од Евролигата.
Германскиот тим, како домаќин во Минхен, беше подобар од Панатинаикос и триумфираше со 85-78. Тоа е трета победа на Баерн откако Светислав Пешиќ го презеде тимот и трета во последните четири натпревари. „Баварците“ постигнаа сериозен напредок откако искусниот стручњак пристигна на клупата и ако продолжи вака, би можел да се вклучи во борбата за место во плејофот подоцна во сезоната.
Што се однесува до Панатинаикос, тимот од Атина моментално е на осмото место со 13 победи и девет порази. Според грчките медиуми, Ергин Атаман бил доста лут по поразот во Минхен. Прес-конференцијата траела само 24 секунди, а потоа Турчинот направил потег што веројатно ниту еден друг тренер во Евролигата не би го направил, барем не во овој момент.
Откако слетаа во Атина, кошаркарите директно заминале во сала на тренинг. Прво гледаа видео од натпреварот против Баерн, тоа траело околу еден час, а потоа следувал тренингот. Само тројца играчи беа поштедени, а тоа беа повредените Кендрик Нан, Динос Митоглу и Никос Рогавопулос.
Патаинаикос ќе игра против Басконија дома и против Макаби во Тел Авив во двојното коло од Евролигата следната недела.


