Панатинаикос успеа некако да го совлада Асвел и да стигне до биланс 15/10 во Евролигата, но Ергин Атаман не може да биде задоволен од играта на своите играчи.
По мечот, тој повторно ги критикуваше кошаркарите кои играа, а од неговите зборови може да се заклучи дека пак алудира на играта на Ти Џеј Шортс.
„Секој натпревар е важен, игравме добра одбрана, но во последните две минути тие погодија неколку тешки шутеви. Во отсуство на Кендрик Нан, одговорноста ја презедоа Слукас и Грант. И другите играчи мора да играат на тоа ниво. Имаме некои кошаркари кои, искрено, играат срамна кошарка. Нивото на нивната игра не е прифатливо. Чекаме да се врати Кендрик Нан, а потоа ќе ги отстраниме играчите кои не играат на потребното ниво“, рече Атаман.
Со оглед на тоа што игра на позицијата на Нан, веројатно прв на „отстрел“ ќе биде Шортс кој сезонава неколку пати беше посочен од тренерот како играч кој не е на посакуваното ниво и не го дава она што се очекува. Македонскиот репрезентативец има договор до 2027 година, така што може да си оди само ако тој сака или со соодветна отштета, но секако Атаман може да го стави во трет план и воопшто да не смета на него до крајот на сезоната.
На вчерашниот меч против Асвел, Шортс играше 11 минути и за тоа време постигна два поена, два скока и две асистенции.


