Младиот македонски стручњак Васко Атанасов и претстојната сезона ќе го води тимот на МЗТ Скопје откако денеска клубот од Аеродром објави дека го продолжил договорот на уште една година.
Пред себе, 30-годишниот струмичанец ќе има императив да го задржи тимот на шампионските патеки, но и да стане прв тренер во историјата на клубот со три титули во македонското првенство. Досега освои две, исто колку и Алеш Пипан кој со МЗТ Скопје триумфираше во 2013 и 2015 година.
Покрај двете титули, Атанасов освои трофеи и во Купот и Суперкупот на Македонија, па во својата колекција има вкупно четири пехари. Тој ја презеде тренерската позиција во плејофот во сезоната 2022/23 откако раководството на МЗТ Скопје го отпушти Драган Николиќ во првиот меч од четвртфиналната серија против Кожув.


