МЗТ Скопје во саботата ја освои својата 11. шампионска титула, продолжувајќи ја доминацијата во македонската кошарка.
Претходните две сезони, тимот од Аеродром ги прибра сите можни трофеи во земјава, а последен кој успеал накратко да ја прекине неговата хегемонија е ТФТ во Купот на Македонија во 2022 година. Лани ги освои сите три пехари, исто како и оваа сезона во која не доживеа ниеден пораз во плејофот.
На крајот од минатата и цела оваа сезона, на клупата беше 30-годишниот стручњак Васко Атанасов кој го запиша своето место во историјата на клубот од Аеродром. Лани стана најмлад освојувач на шампионската титула во македонското првенство, а сега е само втор во постоењето на МЗТ Скопје со два трофеја.
Единствениот кому досега му успеа тоа е словенечкиот стручњак Алеш Пипан во 2013 и 2015 година, а двајцата имаат многу слични приказни поврзани со МЗТ. Пипан го водеше тимот од Аеродром цела сезона 2012/13, а потоа беше вратен во 2015 година како петти тренер на „штрковите“, во финишот од таа натпреварувачка кампања која ја почна Змаго Сагадин и по него следуваа Стефанов, Митев и Јончевски. Атанасов лани го презеде тимот во плејофот, а потоа раководството му ја даде довербата да остане на тренерската позиција и оваа сезона во која МЗТ Скопје ја освои тројната круна.
Останатите седум титули во историјата на МЗТ Скопје ги освојуваа: Александар Тодоров, Зоран Мартиќ, Александар Јончевски, Анте Назор, Ѓорѓи Кочов, Дарко Радуловиќ и Александар Петровиќ.
Од другите тренери во историјата на македонското првенство, повеќе од една шампионска титула имаат само: Марин Докузовски (7), Стерули Андоновски и Емил Рајковиќ (по 3) и Јорданчо Давитков (2).


