Тренерот на МЗТ Скопје, Васко Атанасов е лут на своите кошаркари по поразот од Цедевита Јуниор во второто коло од АБА 2 лигата.
Македонскиот првак долго го диктираше темпото на овој меч, во третата четвртина имаше предност и од 16 разлика, но доживеа голем пат во играта и домаќинот го искористи тоа за да направи пресврт и да победи.
„Мојата екипа не смее да си дозволи вакви пресврти, требаше подобро да го затвориме мечот по предноста од 16 разлика. Оваа екипа на Цедевита Јуниор е исклучително добра, но ние направивме бројни грешки. На почетокот на сезоната сме и се надевам дека ќе извлечеме поука од вакви натпревари“, рече Атанасов.
Во третото коло МЗТ Скопје го пречекува Домжале и тоа ќе биде исклучително важен дуел во борбата за пласман во следната фаза.


