Тренерот на МЗТ Скопје, Васко Атанасов одамна е најтрофеен во историјата на клубот од Аеродром, но со секој нов трофеј, достигнува нови височини.
Пехарот во Куманово за него беше трет во Купот на Македонија со што стана само четврти тренер во историјата на ова натпреварување со најмалку три трофеи, по Александар Књазев, Јорданчо Давитков и Марин Докузовски. Она што го одвојува од последните двајца е тоа што сите три пехари, струмичанецот ги освои во низа, односно направи хет-трик од 2024 до 2026 година.
Со тоа го повтори подвигот на Књазев кој триумфираше во првите три изданија од Купот на Македонија, од 1993 до 1995 година. И тука има разлика бидејќи Атанасов сите три трофеи ги освои со еден клуб – МЗТ Скопје, а Књазев освои два со Работнички и еден со Кочани.
Најмалку два пати по ред во Купот триумфирал само уште Јорданчо Давитков и тоа во два наврата, со Николферт во 2001 и 2002 и со Работнички во 2005 и 2006 година.


