Македонскиот првак МЗТ Скопје со убедлива победа го почна својот настап во АБА 2 лигата каде сезонава има највисоки амбиции.
Во „Јане Сандански“ падна црногорскиот Теодо кој беше запрен на само 50 постигнати поени. Тоа го задоволи тренерот на МЗТ Скопје, Васко Атанасов кој, сепак, истакна дека тимот се уште е во фаза на воигрување и кревање на формата.
„Честитки за моите кошаркари за покажаната желба и борбеност што ни ја донесе оваа победа. Делувавме одлично во дефанзивата и тоа беше клуч за триумфот, додека во нападот имаме уште работа што е и разбирливо со оглед на фактот дека станува збор за почеток на сезоната. Задоволен сум од приодот и дисциплината иако верувам дека можеме и многу подобро од прикажаното што, сигурен сум, ќе го прикажеме веќе на натпреварите кои ни претстојат“, изјави Атанасов.
МЗТ Скопје нема многу време за одмор бидејќи веќе в сабота се среќава со Пелистер во Суперкупот на Македонија каде ќе го брани првиот од трите трофеи на домашна сцена.


