Тренерот на МЗТ Скопје, Васко Атанасов денеска ја почнува финалната серија по која може дополнително да го зајакне својот статус меѓу најуспешните во историјата на македонската кошарка.
Откако во мај 2023 година ја презеде тренерската функција во МЗТ Скопје, струмичанецот не загуби титула во ниедно натпреварување на домашна сцена, а сега тргнува по четвртата титула во домашното првенство. Пред почетокот на серијата со Маџари, Атанасов тврди дека се зависи од неговиот тим кој секако ја има фаворитската улога.
„Финалето секогаш носи посебен предизвик, како круна на сезоната во која сте пролеале милиони капки пот. Се подготвуваме максимално, веруваме во својот квалитет и сме подготвени да дадеме се од себе за да ја одбраниме титулата. Маџари со настапите во првенството и во плејофот покажа квалитет кој треба да се респектира. Немаме намера да го потцениме, без разлика што е дебитант во елитата. Но, свесни сме дека се зависи од нас самите. Ако бидеме на потребното ниво тогаш ќе бидеме многу блиску до целта, а тоа е задржување на круната во Аеродром“, рече Атанасов.
Првиот натпревар се игра вечерва во „Јане Сандански“, вториот исто таму, но в среда, а 13. шампионска титула МЗТ би можел да ја прослави најрано на 23 мај.


