Поранешниот селектор на Македонија, Александар Јончевски неочекувано остана без ангажман пред крајот на годината откако Атомерому ја прекина соработката со него.
Ваквиот потег е големо изненадување ако се знае дека под водство на Јончевски, Атомерому се наоѓаше на делба на петтата позиција на табелата во унгарското првенство, а му го нанесе единствениот пораз на актуелниот шампион и лидер Солнок. На 13 натпревари, нашиот стручњак со својот тим оствари седум победи и шест порази, поради што дополнително е несфатлива одлуката на клубот.
„Ни покажаните игри, ни формата на играчите не ги исполнуваат целите од пред сезоната. Со оглед на опцијата во договорот, клубот одлучи да го раскине договорот со Јончевски на кого му посакуваме се најдобро во иднина“, пишува, меѓу другото, во соопштението на Атомерому.
На местото на Јончевски е веќе ангажиран грчкиот стручњак Костас Флеваракис кој веќе ја водел екипата во минатото.


