По две сезони и многу индивидуални и тимски успеси, Ненад Димитријевиќ во текот на летото го напушти Уникс и се пресели во Олимпија Милано со која дебитираше во Евролигата.
Во исто време, во ВТБ лигата, но во тимот на ЦСКА дојде долгогодишниот играч на Партизан и српски репрезентативец Алекса Аврамовиќ кој е новата ѕвезда во тоа натпреварување. Актуелниот шампион денеска славеше во дербито со Локомотив Кубан, а централна фигура беше токму Аврамовиќ.
Постигна 30 поени со 6 асистенции и индекс 36 и беше најзаслужен за триумфот на неговиот тим кој во моментов е на второто место на табелата, но само затоа што има натпревар помалку во однос на Локомотив. По девет одиграни натпревар, Алекса е најефикасен играч на ЦСКА (15,2 поени по натпревар) и има највисок индекс (19,4), а многумина го гледаат како најсериозен кандидат за МВП признанието по основниот дел од сезоната, ако ЦСКА заврши на првото место.
Сето тоа потсетува на ланското издание на Димитријевиќ кој беше прогласен за МВП на сезоната, а што подоцна беше главна препорака за него да се пресели во Олимпија Милано.


