Никола Јокиќ не беше прогласен за МВП на кошаркарскиот турнир на Олимписките игри во Париз, но затоа со индивидуална награда се закити Алекса Аврамовиќ.
Довчерашниот кошаркар на Партизан е прогласен за најдобар дефанзивец, апсолутно заслужено ако се имаат предвид неговите настапи пред се во полуфиналето и мечот за третото место. Во натпреварот за бронзата извонредно го чуваше Денис Шрудер и го задржа на само 13 поени, па инспириран од неговата игра, српскиот коментатор Слободан Шаренац по мечот рече: Алекса има големи џебови и во нив ги чува најдобрите играчи.
Покрај Аврамовиќ, индивидуални признанија добија уште Виктор Вембанјама кој е прогласен за најдобар млад кошаркар и Венсан Коле кој е прогласен за најдобар селектор.
Избрана е и втората петорка на Игрите и во неа се најде место за: Шеј Гилџес Александер од Канада, Богдан Богдановиќ од Србија, Франц Вагнер од Германија, Гершон Јабуселе од Франција и Јанис Адетокунбо од Грција.


