Австриската кошаркарска репрезентација забележа пораз во последниот подготвителен натпревар пред стартот на втората претквалификациска фаза за Европското првенство во 2029 година.
Австријците гостуваа кај Унгарија во контролен натпревар, кој за селекторот и стручниот штаб претставуваше важна проверка пред официјалните дуели. Домаќините остварија убедлива победа, со 107-72 што му создава дополнителни главоболки на австрискиот селектор Арамис Наглиќ пред стартот на претквалификациите.
Единствена олеснителна околност за Австријците е тоа што настапија без ударните бекови кои уште не се приклучени на подготовките на репрезентацијата и тоа ќе го направат утре. Австрија се наоѓаше на тридневен камп во унгарскиот град Сехешвехервар, а утре официјално ќе ги почне подготовките за дуелите со Кипар и Македонија.
Поволно за нас е тоа што австриската репрезентација ќе има само два дена за заеднички тренинзи бидејќи на 27 август се среќава со Кипар на гостински терен, додека Македонија ќе ги стартува претквалификациите со дуелот во Виена, три дена подоцна и ќе има безмалку цела недела да се подготви за тој меч кој е можеби најважен во овој циклус.
Македонските кошаркари подготовките ги започнуваат утре во Скопје, а селекторот Жосеп Марија Берокал веќе објави список од 15 кошаркари на кои ќе смета на тренинзите, пред да ги објави конечните 12 што ќе настапат во Виена.


