Македонската репрезентација го одигра најлошото полувреме во претквалификациите за Европското првенство, но сепак има активен резултат по 20 минути игра на гостувањето кај Азербејџан.
Домаќинот води со 44-37, ама на околу три минути пред крајот на полувремето, резултатот беше 43-25 што беше и највисока предност за Азербејџан. Серија од 12-1 ја врати Македонија во игра и со шанси, сепак, да излезе како победник од овој меч, исклучително важен за конечниот пласман во овие претквалификации.
Домаќинот одлично го почна мечот и брзо направи голема предност, но и судиите имаа голем придонес за тоа. Првото слободно фрлање, Македонија го изведе на две минути пред крајот на полувремето, откако Азербејџан веќе имаше 13. Сепак, со неколку акции и тројки во финишот од првиот дел, Македонија дојде на пристојна негатива која можеше да биде уште помала ако беше искористен последниот напад. Интересно е тоа што за 20 минути Азербејџан ни даде 44 поени, пет помалку отколку за цел прв натпревар во Скопје кој Македонија го доби со 87-49.
Андреј Јакимовски е најефикасен во македонската репрезентација со девет поени, Војдан постигна седум, а Петков пет.


