Црногорскиот прволигаш Сутјеска ќе биде прв противник на Работнички на враќањето во АБА 2 лигата.
Натпреварот се игра утре од 18 часот во „Кале“, а на клупата на гостинскиот тим ќе биде поранешниот селектор на македонската репрезентација Драган Бајиќ. Токму тој и ќе биде најголем адут на Сутјеска имајќи предвид дека станува збор за искусен стручњак кој два пати беше прогласуван за тренер на годината во АБА лигата, а и ги познава нашите кошаркари со кои соработуваше во националниот тим.
„Почнува борбата за бодови, ние му гостуваме на Работнички кој има жежок терен. Доста играчи на овој тим познавам бидејќи им бев селектор во македонската репрезентација. Знам дека екипата е спој на младост и искуство и може да биде незгодна ако противникот и дозволи. Ако имаме добар пристап и ни се укаже шанса, се надевам дека ќе славиме на овој натпревар“, изјави Бајиќ пред утрешното гостување.
Од актуелните играчи на Работнички, во репрезентацијата тој соработуваше со Стојан Ѓуроски, Виктор Ефремовски и Дамјан Робев. Сутјеска денеска ќе пристигне во Скопје, а во 17:30 часот ќе одржи тренинг во „Кале“.


