Еден од најдобрите европски тренери во моментов Чави Пасквал се враќа во Барселона. Тој беше првиот избор на клубот да ја преземе менаџерската позиција по отпуштањето на Жоан Пењароја, а двете страни денеска успеаја да постигнат договор.
Тренерот, кој е без тим откако го напушти Зенит, беше поврзуван со клубот и порано, но неговото враќање никогаш не се реализираше. Тој неодамна изрази подготвеност пак да ја води Барса, а повторното обединување изгледаше неизбежно, иако траеше малку подолго од очекуваното. Пасквал потпиша договор за остатокот од оваа сезона и уште две, односно до јуни 2028 година. Претседателот Жоан Лапорта, со кого Пасквал има блиски односи уште од првиот мандат во клубот, мораше да интервенира во последен момент за договорот да биде реализиран. Претходно, тренерот разговараше со Хуан Карлос Наваро и Марио Бруно Фернандез, раководителите на кошаркарската секција. Чави Окалахан, директор на сите секции на Барселона, исто така беше вклучен. Сепак, Жозеп Кубелс, член на одборот задолжен за кошарка, не беше присутен кога беше финализиран договорот.
Новиот главен тренер нема да може да дебитира во петок на натпреварот против Виртус, како што се надеваше клубот. Неговиот прв тренинг ќе се одржи в понеделник, а дебито ќе го запише идниот четврток на гостувањето против Анадолу Ефес. Следните два натпревара, против Болоња и Басконија, ќе ги води Оскар Орељана, кој го водеше тимот вчера до победа против Баерн Минхен во среда. Привремениот тренер ќе биде дел од тренерскиот штаб на Пасквал.
Пасквал сакаше долгорочен проект, простор за маневрирање, засилувања… Ќе пристигне барем еден играч, но ќе мора да се почека до јануари поради прописите за финансиски фер-плеј. Мајлс Норис, за кого се очекуваше да замине, играше во Минхен и би можел да има шанса. В лето, кога ќе истечат договорите на Вили Ернангомез, Томас Саторански, Јан Весели и Нико Лапровитола – некои од најплатените играчи во составот – Пасквал ќе има одврзани раце да го гради тимот како што смета за соодветно.
Искусниот стручњак ќе се врати да го предводи тимот на Барса кој го водеше низ еден од најуспешните периоди во нивната историја. Во 2008 година, тој го замени Душко Ивановиќ, а она што изгледаше како привремен договор траеше до 2016 година. Во тој период, под негово водство, тимот освои четири титули во лигата, три трофеи во Купот на кралот, три Суперкупа и, како врв на неговите проекти, втората титула на клубот во Евролигата во 2010 година, засега последна на Барса. Во својот тогашен мандат, Пасквал освои вкупно 19 трофеи со кои е еден од најуспешните во историјата на клубот.
Тоа беа различни времиња. Ситуацијата во таа секција сега е многу тешка, со буџет помал од оној на гигантите на европската кошарка, сомнителна политика за трансфери и низа лоши одлуки донесени од страна на управата. Пасквал ќе мора да се обиде да ја сврти оваа ситуација, која трае веќе некое време. Екипата има две сезони без трофеј, не успеа ниту да стигне до финалето во плејофот, а тековната сезона започна лошо.
По заминувањето на Шарунас Јасикевичиус, ниту Роџер Гримау ниту Пењароја не ја пронајдоа вистинската формула. Пасквал ќе се обиде да го смени тоа.


