Барселона славеше над Валенсија со 98-94 во возбудливиот шпански дуел од деветтото коло во Евролигата, во натпревар кој понуди пресврти, одлични шутерски серии и драматична завршница.
„Каталонците“ ја запишаа третата победа по ред, а најголемите заслуги за триумфот ги има Џастин Робинсон, додека Дилан Осетковски имаше кошмарен финиш во дресот на гостите.
Валенсија долго време беше рамноправен противник, а во одредени моменти имаше и контрола над резултатот. Барселона отвори подобро, предводена од Кевин Пантер, кој погоди три тројки во првите шест минути и му донесе водство на домашниот состав од 19-11. По првата четвртина каталонскиот тим имаше постигнато 30 поени.
Сепак, во вториот период следуваше пад во играта на домаќините. Валенсија го искористи тоа, направи серија од 9-0 и првпат поведе, по што продолжи неизвесната битка во која ниту една екипа не успеваше да создаде посериозна предност.
Вистинската драма се случуваше во последните минути. Барселона имаше шест поени предност, но Валенсија постојано се враќаше благодарение на расположениот Армони Брукс. Во тие моменти Џастин Робинсон презеде одговорност и со десет последователни поени практично сам го одржуваше својот тим во водство.
На само 30 секунди до крајот, Кевин Пантер пропушти можност да ја зголеми предноста, а Валенсија доби шанса за целосен пресврт. Осетковски остана сам зад линијата за три поени, но не погоди во моментот кога неговиот тим најмногу имаше потреба од кош.
Пантер потоа реализира две слободни фрлања, но Брукс со нова тројка повторно ја врати неизвесноста. Дарио Бризуела погоди едно од двете слободни фрлања и ѝ остави на Валенсија последна можност да се избори за продолжение или победа. Наместо тоа, Осетковски не успеа да ја освои топката по промашувањето и практично му ја предаде на Брицуела, кој ги постави конечните 98-94.
Робинсон беше најефикасен кај победникот со 22 поени, Џоел Пара постигна 19, Пантер заврши со 18, а Брицуела додаде 15 поени. Кај Валенсија блесна Брукс со 26 поени, додека Хасиел Риверо запиша 12 поени и седум скока.
Со овој триумф Барселона стигна до шестата победа во девет натпревари, израмнувајќи се со Валенсија и Реал Мадрид. Така, три шпански екипи во моментов имаат идентичен биланс од 6-3 во Евролигата.
РЕЗУЛТАТИ
Дубаи – Хапоел Тел Авив 97-83
Анадолу Ефес – Панатинаикос 83-68
Жалгирис – Партизан 87-80
Олимпијакос – Армани Милано 84-78
Барселона – Валенсија 98-94
Асвел – Басконија 94-79
Виртус – Бешикташ 101-103


