Хувентут направи големо изненадување и го освои шпанскиот Суперкуп, откако во финалето во Бадалона ја совлада Барселона со убедливи 101-87.
Главна фигура во историскиот триумф беше Николас Лапровитола, кој против својот поранешен клуб одигра фантастичен натпревар и со 31 поен го предводеше Хувентут до трофејот. Аргентинецот постигна дури девет тројки, поставувајќи нов рекорд за најмногу погодени тројки во еден натпревар од Суперкупот.
Лапровитола имаше неверојатен почеток и во првата четвртина реализира четири тројки од пет обиди, со што домашниот тим уште рано почна да ја гради предноста. На крајот заврши со 31 поен и седум асистенции, а сосема заслужено беше прогласен за МВП на Суперкупот.
Хувентут практично го контролираше натпреварот од почеток до крај. Каталонскиот тим не успеа да најде решение за нападот на домаќинот, кој постигна дури 17 тројки во финалето. На полувреме Хувентут имаше 52 поени, што е рекорд за една екипа во првото полувреме од финале на Суперкупот.
За тимот од Бадалона ова е особено значаен трофеј бидејќи клубот ја прекина сушата која траеше од 2008 година, кога го освои УЛЕБ Купот. Воедно, каталонскиот клуб стана првиот домаќин во историјата на Суперкупот кој успеал да го освои трофејот на свој терен. Покрај Лапровитола, се истакнаа уште двајца поранешни кошаркари на Барселона: Емир Сулејмановиќ кој постигна 19 поени и девет скока и Рики Рубио кој имаше 10 поени и осум асистенции.
Барселона, од друга страна, останува без ниеден трофеј веќе три години и три месеци, а на нова шанса ќе треба да чека барем до февруари кога се игра завршниот турнир од Копа дел Реј.


