Втор натпревар по ред, Барселона постигна 100 поени и поведе со 1-0 во полуфиналето од плејофот во шпанското кошаркарско првенство.
Откако во саботата ја победи Мурсија во „мајсторката“ со 100-76, вечерва каталонскиот тим беше подобар од изненадувањето Тенерифе со 100-67. Триумфот има поголемо значење ако се знае дека Тенерифе во првата рунда го елиминира Реал со 2-1, совладувајќи го двапати во Мадрид.
Голем дел од дилемите околу победникот беа решени во првото полувреме кое Барселона го доби со 46-27, па во вториот дел Тенерифе не се симна на помалку од 15 поени негатива. Гостите беа далеку од изданијата против Реал и прашање е дали лошата игра е плод на големиот напор од „мајсторката“ или едноставно Барселона беше толку добра вечерва. Факт е, сепак, дека домашниот тим шутираше одлично од дистанца и погоди 13 тројки од 27 обиди.
И вториот натпревар од серијата се игра на теренот на Барселона, в четврток, а пласман во финалето ќе избори тимот што прв ќе стигне до три победи.


