Шпанскиот вицешампион Барселона изби на првото место на табелата во Евролигата откако вечерва по голема мака го совлада Асвел на домашен терен со 90-83.
„Каталонците“ речиси постојано се наоѓаа во негатива, но во последниот период направија серија од 7-0 за водство од 83-79. Конечните +7 беа највисока предност за Барселона на овој натпревар, а повторно ситуацијата ја спаси Кевин Пантер кој беше најефикасен со 20 поени. Барса сега има биланс 4/1, исто како и Жалгирис, но поради подобрата кош-разлика се најде на чело на табелата.

Во дербито на денот, актуелниот освојувач на титулата во Евролигата, Панатинаикос го совлада Фенербахче во Истанбул со 81-76. Со тоа стави крај на серијата од два пораза, доживеани минатата недела од Реал и Париз. Малку недостасуваше и денеска да загуби и покрај тоа што во еден период имаше и 14 поени предност.
Во последната четвртина Фенербахче направи серија од 14-0 и го презеде водството, но во драматичниот финиш, предводен од Слукас и Лесор, европскиот шампион успеа да дојде до победата. Со тоа се израмни со својот вечерашен противник, па сега двете екипи, заедно со уште пет, имаат биланс 3/2.

Интересно е тоа што двата досегашни порази, Фенербахче ги доживеа на домашен терен, прво од Црвена Звезда, а вечерва и од Панатинаикос.
Олимпијакос не успеа да се спаси од бламажа и загуби на гости кај Баерн со 80-84 и покрај тоа што по серијата од 15-0, првото полувреме го заврши со водство од 43-32. Германскиот шампион во вториот дел одигра многу поквалитетно, успеа да направи пресврт и да дојде до важна победа со која излезе пред својот вечерашен противник на табелата.
РЕЗУЛТАТИ
Фенербахче – Панатинаикос 76-81
Барселона – Асвел 90-83
Баерн – Олимпијакос 84-80


