Реал Мадрид поведе со 2-0 во четвртфиналната серија од Евролигата против Басконија откако вечерва на домашен терен славеше со 101-90.
Конечниот резултат не ја отсликува реално разликата во квалитет на овие две екипи, како и односот на силите вечерва бидејќи Реал во последната четвртина водеше и со 23 поени разлика пред да дојде до опуштање во финишот. Кампацо беше најдобар играч кај Реал со 24 поени и 7 асистенции, додека Вања Маринковиќ ја предводеше Басконија со 20 поени. На Реал му е потребна уште една победа за да го потврди пласманот на завршниот турнир од Евролигата.
Панатинаикос не дозволи уште еден кикс против Макаби и жестоко одговори на поразот од пред два дена. Пред своите навивачи, грчкиот тим славеше со 95-79 во меч кој донесе многу тензии и на и надвор од паркетот.
Решавачка беше третата четвртина која ПАО ја доби со 31-11, а во неа направи серија од 14-0 и од -8, отиде на +12 (51-39). Во третиот период домашниот тим имаше предност и од 18 поени, но Макаби во последниот квартал се доближи на само три поени негатива. Сепак, Панатинаикос не дозволи пресврт и сигурно дојде до првата победа во серијата.
Костас Слукас оствари личен рекорд во Евролигата со 29 поени, додека Лоренцо Браун беше најефикасен кај Макаби со 18. Следните два меча се играат во Белград каде Макаби оваа сезона ги пречекува своите ривали.