Точно еден месец помина откако Работнички се врати во својот дом и се уште е со максимален ефект на натпреварите одиграни во салата во Градски парк која од неодамна го носи името „Лазар Лечиќ“.
Во неа, 15-кратниот шампион одигра четири натпревари и славеше на сите, а три од нив доби со двоцифрена разлика. На првиот меч против Маџари победи со 97-74, Ангели ги совлада со 107-67, МКК Куманово со 76-72, а вчера Феникс со 93-83. Поразително за Работнички е тоа што во истиот период нема ниедна победа како гостин, а последниот триумф на кој не бил во улога на домаќин му е од 6 декември 2025 година кога славеше кај Ангели со 117-73. Тоа и е причината поради која тимот од Центар се наоѓа во битката за опстанок, а треба да се знае дека во вториот дел од сезоната загуби дури четири натпревари со два или три разлика.
Предноста во однос на Феникс сега изнесува два бода на четири кола пред крајот, но Работнички ќе мора да го продолжи трендот на победи на домашен терен ако сака да се надева на опстанок. Пред своите навивачи ќе ги пречека уште Ангели и Чаир, ама од исклучително значење ќе биде претстојниот дуел против Гостивар на гостински терен.


