Американскиот интернационалец Спенсер Динвиди повеќе не е играч на Баерн откако баварскиот клуб денеска објави прекин на соработката со него.
Од лични причини, договорот на 32-годишникот, кој беше потпишан до крајот на сезоната, е раскинат со меѓусебен договор. На Динвиди му беше дозволено да патува во САД непосредно пред Божиќ поради сериозна болест во неговото семејство и со согласност на спортскиот менаџмент.
„Би сакал да им се заблагодарам на организацијата, тимот и навивачите. И покрај неодамнешната предизвикувачка фаза од сезоната, се чувствував многу удобно во Минхен. За жал, во моментов не сум во можност да играм“, изјави Динвиди за интернет страницата на Баерн.
Искусниот НБА професионалец се приклучи на Баерн во октомври и со тоа првпат во кариерата заигра во Европа. Во Евролигата одигра единаесет натпревари и имаше просек од 11,7 поени и 2,9 асистенции, што го прави втор најдобар стрелец на Баерн, веднаш зад Андреас Обст (12,4 поени по натпревар). Ова важи и за домашната лига, каде што американскиот бек имаше просек од 13 поени по натпревар во пет натпревари.
Баерн веќе реагираше и, како што објавија бројни европски медиуми, на плејмејкерската позиција, како замена за Динвиди го договори македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ. Се очекува вечерва или најдоцна утре, нашиот кошаркар официјално да биде претставен како нов играч на Баерн. Тој денеска не играше за Зенит на мечот од ВТБ лигата против Парма во Перм на кој тимот од Сант Петерсбург славеше со 85-77.


