Од 24 до 26 мај во Берлин ќе се одржи завршниот турнир од Евролигата, а организаторот ќе биде на слатки маки бидејќи уште сега е јасно дека арената ќе биде исполнета до последното место и ќе бидат продадени сите влезници.
Рацете ги тријат и оние кои во декември си купија билети, макар и ако нивните омилени тимови не обезбедија пласман на Ф4. Во германската престолнина ќе играат три балкански екипи со огромни навивачки бази (Фенербахче, Панатинаикос и Олимпијакос), а фановите веќе почнаа да бараат билети и не прашуваат за цена.
Кога во декември беа пуштени во слободна продажба, билетите чинеа меѓу 229 и 709 евра. По завршувањето на четвртфиналето од плејофот, на една од најпопуларните платформи за препродажба на влезници, тие достигнаа сума од 7.000 евра за пакет за полуфиналните натпревари и неверојатни 8.000 евра за финалето.


