Новиот селектор на македонската репрезентација Жосеп Марија Берокал успешно ја заврши првата мисија откако беше назначен на чело на националниот тим.
По триумфот против Луксембург, денеска Македонија го совлада Азербејџан и веќе е на чекор од пласман во следната фаза од претквалификациите која почнува во август. Берокал е свесен дека има уште многу простор за напредок, но не сака на победата да ѝ гледа во заби.
„Се подготвував за натпреварот и си мислев дали ќе биде лесно затоа што во претходниот меч Македонија победи со 40 поени разлика. Не очекував ваков тим со Македонија, тие се натпреваруваат и борат, а ние се обидовме да најдеме играчи кои се подготвени, иако не беше лесно. Во втората четвртина тргнавме со измени, почнавме да ги поправаме работите и да постигнуваме поени. Верувавме дека можеме да играме и победиме. Ротиравме со помалку кошаркари. Среќни сме, покажавме карактер и победа си е победа. Имаме уште многу работа, досега сме заедно осум денови, од кои само четири дена трениравме, одиме чекор по чекор“, кажа Берокал.
Во последниот „прозорец“, во јули, Македонија ја пречекува Ирска и гостува во Луксембург, но само чудо може да ја оневозможи да се пласира во следната фаза.


