По последниот натпревар од претквалификациите, македонската кошаркарска репрезентација остана со максимален ефект и успешно го заврши овој дел од патот кон Европското првенство.
Време за одмор нема многу бидејќи веќе на 27 август ни претстои стартот на втората рунда од претквалификациите за што наскоро ќе ги добиеме противниците. Селекторот на Македонија, Жосеп Марија Берокал е задоволен од успешно завршената работа, но има порака за своите кошаркари и желба за она што следува идниот месец.
„Тимот играше добро во првото полувреме со ефикасно движење на топката. И покрај тоа што ни недостасуваше клучен играч (Војдан Стојановски н.з.), тимот успеа да доминира во текот на сите 40 минути, на крајот обезбедувајќи победа, што ја зголемува нашата самодоверба. Морам да нагласам дека е неопходно играчите да се подготвуваат индивидуално во текот на летото за следната рунда, бидејќи времето за подготовка во август ќе биде пократко. Јасно е дека ни претстојат потешки противници, но сега треба да уживаме во победата и полека да се подготвуваме за она што ни следува.
Денешниот натпревар можам да го поделам во два дела. Игравме со девет играчи. Во првото полувреме имавме поголема ротација и играме многу, многу подобро. Во второто полувреме, домаќинот сфати дека губи со 19 поени и мораше да реагира за да не доживее катастрофа поради што ја промени играта и во одбрана и во нападот. За жал, останавме и без Петар Бошалески кој го повреди зглобот, Павел Иванов одигра неколку минути и практично целата игра беше на само седуммина кошаркари.
Со играчите што ги имаме, ние се натпреварувавме и доминиравме 40 минути. Можеш да победиш, можеш да изгубиш, но ние се боревме и на крајот победивме.
Очигледно е дека ни недостасува уште еден висок играч бидејќи кога Ваљмир беше на крајот на крајот на силите, тие преземаа и му ја усложнија работата. Освен тоа, очигледно е дека немаме навистина втор плејмејкер, Виктор Ефремоски мораше да игра на таа позиција. Сепак, задоволен сум што перфектно го завршивме овој циклус и верувам дека можеме, ако бидеме комплетни, да направиме уште еден голем чекор кон Европското првенство“, рече Берокал.
Шпанецот за околу две недели ќе почне со работа во Кина, но останува на селекторскаѕа функција и со подготовките за втората од претквалификациите.


