На три дена пред натпреварот меѓу Македонија и Луксембург во претквалификациите за Европското првенство во 2029 година, отворена е реновираната сала на Работнички во Градски парк.
Свеченоста ја организира градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски кој во одбрано друштво го пушти објектот во употреба. На церемонијата учествуваа дечиња од основните училишта во Центар, поранешни кошаркари на Работнички, но истата беше проследена со многу пропусти.
Не беа поканети актуелните кошаркари на Работнички ни членовите на стручниот штаб, а ги немаше ниту играчите кои ги остварија најголемите успеси во историјата на клубот од Градски парк. Го немаше најтрофејниот тренер Марин Докузовски, немаше никој од кошаркарите кои во 90. години ја сочинуваа најдоминантната сила во македонската кошарка и се меѓу најтрофејните во земјава, но затоа имаше играчи кои поминале по 1-2 сезони во клубот, а славата ја достигнале на друго место, како и лица кои немале никаква допирна точка со Работнички.
Ова не е првпат градоначалникот да ги игнорира најдобрите во историјата на клубот. На неодамнешната премиера на документарниот филм за Работнички, исто така немаше никој од оние кои оставиле најдлабока трага.


