Кошаркарската федерација на Австрија ги пушти во продажба билетите за претстојниот натпревар против Македонија, во рамките на втората претквалификациска фаза за Европското првенство во 2029 година.
Дуелот е закажан за 30 август од 16:05 часот во Виена, а се игра во Спорт арената во Виена која има капацитет до 3.000 места. Билетите за натпреварот се поделени во четири категории и чинат меѓу 25 и 129 евра.
За обичните места на трибините, тие се по 25 и 30 евра со тоа што има попуст за ученици, студенти и деца на возраст меѓу 6 и 10 години кои се во придружба на своите родители. Тие билети чинат 7, 15 и 18 евра.
ВИП тикетите се најскапи и се по цена од 89 и 129 евра. Оние од 89 се покрај теренот и во нив е вклучен кетеринг во ВИП делот. Билетите од 129 евра се исто така покрај теренот, но во цената се вклучени и пијалоци.
Во Австрија и околината живеат голем број македонски иселеници и ова е добра можност во живо да ја гледаат и да и дадат поддршка на нашата репрезентација во можеби клучниот натпревар од овие претквалификации.


