Последните три натпревари од 16. коло во Првата македонска кошаркарска лига се играат вечерва, а дербито е во Кавадарци каде Еуро Никел го пречекува МЗТ Скопје.
Веројатно малкумина пред почетокот на сезоната прогнозираа или се надеваа дека во оваа фаза од првенството, лидер ќе биде тимот на Еуро Никел. Кавадарчани се соочија со сериозен предизвик пред стартот на првенството, па дури во прашање беше доведена и егзистенцијата на клубот. И покрај тоа, менаџментот создаде силна екипа која во моментов е во серија од седум победи и во одлично расположение го дочекува актуелниот шампион со кого, всушност, го дели првото место според бројот на бодовите.

МЗТ Скопје лошо го почна вториот дел од сезоната и претрпе порази од Пелистер и Работнички и тоа како домаќин што одамна не му се случило на овој тим во домашното првенство. Расположението е делумно поправено со одличниот настап на АБА 2 турнирот во Нови Сад, но потребна е и победа во третото дерби во низа во шампионатот за кревање на самодовербата пред завршницата од Купот на Македонија.

Не смее да се заборави дека МЗТ Скопје е во серија од 11 победи во дуелите со Еуро Никел, а последниот пораз од кавадарчани го доживеа на 16 декември 2020 година и тоа на домашен терен. За последниот триумф на кавадарчани пред своја публика треба да се оди една година наназад, до 1 декември 2019.

Во преостанатите два меча од денешната програма, Охрид го пречекува Пелистер, а ТФТ се среќава со Кожув.


