Првпат по 2007 година, Битола ќе биде домаќин на завршниот турнир од Купот на Македонија кој годинава ќе се одржи по 32. пат, четврти под името „Благоја Георгиевски Буштур“.
Трофејот го брани тимот на МЗТ Скопје кој е и најуспешен тим во ова натпреварување со 11 титули, една повеќе од Работнички. Тимот предводен од Васко Атанасов и сега е прв претендент за пехарот, но Купот често пати носел големи изненадувања, па тешко е да се прогнозира кој ќе си замине со трофејот овојпат. Најсвеж пример за тоа е сензационалниот успех на ТФТ во 2022 и ланскиот пласман во финалето на Феникс.

Својата шанса сега ја гледаат и другите учесници во ова натпреварување. Работнички во Битола оди со серија од седум победи во првенството и тим кој кој се наоѓа во најдобра форма во моментов. Еуро Никел неодамна потклекна во двата дуела со фаворитите МЗТ Скопје и Работнички, но скапо ја продаде кожата и потврди дека досегашните резултати не се случајни. Пелистер е домаќин на турнирот и ако стигне до финалето, сигурно ќе има поддршка од преполни трибини во обидот да стигне до првиот трофеј во клупската историја.
ТФТ знае како се освојуваат трофеи, а повторно, како и во 2022 година кога триумфираше, има мошне тежок распоред со Работнички како прв противник. Чаир е изненадување во првенството и како третопласиран го очекува Купот, Феникс лани направи изненадување, а сега има уште посилен тим, додека Гостивар се надева на изненадување во дуелот со МЗТ Скопје. Пред почетокот на турнирот, може да се претпостави само дека ќе има извонредно интересни и неизвесни пресметки.
Програмата почнува денеска точно напладне, со дуелот меѓу МЗТ Скопје и Гостивар, а последниот меч почнува во 19:30.
ДВОЈКИ ЗА ЧЕТВРТФИНАЛЕТО
(1) МЗТ Скопје – Гостивар 12:00
(2) Еуро Никел – Чаир 14:30
(3) Работнички – ТФТ 17:00
(4) Пелистер – Феникс 19:30
ДВОЈКИ ЗА ПОЛУФИНАЛЕТО
Победник 1 – Победник 3
Победник 2 – Победник 4


