Поранешниот македонски репрезентативец и еден од најквалитетните домашни кошаркари кои играле во земјава Бојан Трајковски вечерва би можел да го одигра својот последен натпревар во кариерата.
Кошаркарскиот клуб Феникс соопшти дека на крајот од оваа сезона, 37-годишниот крилен играч оди во играчка пензија, а со оглед на тоа што Работнички води со 2-0 во серијата, може да се случи крајот на кариерата да му биде денеска, против тимот со кој освои шест трофеи и каде помина вкупно седум години, во два мандата.
„Последен танц на великанот! Сезоната 2023/24 за нашиот сениорски тим може да заврши уште на денешниот трет натпревар од четвртфиналната серија против Работнички, а тоа воедно ќе означи и крај на една ера во македонската кошарка со пензионирање на големиот Бојан Трајковски“, објави Феникс кој ги повика љубителите на кошарката вечерва од 20:30 часот го проследат мечот против Работнички и можеби последен пак како играч да го гледаат ветеранот.
Трајковски оствари богата кариера која трае повеќе од две децении. Почна во Балкан Стил, а речиси да нема клуб во Македонија во кој не играл – од Работнички, Фени Индустри, Торус, Лирија, Куманово, до Карпош Соколи, МЗТ Скопје, Гостивар, Кожув, Пелистер и последните две години Феникс и секаде оставаше длабока трага. Има пет шампионски титули од кои три со Работнички и две со Фени Индустри и шест трофеи во Купот на Македонија, три со Работнички, еден со Фени Индустри и по еден со Карпош Соколи и МЗТ Скопје. Освен тоа, оствари и интернационална кариера, во Полска, Косово и Унгарија и притоа освои титула во Балканската лига. Играше и за македонската репрезентација со која настапи на Европското првенство во 2015 година, последно на кое учествуваше нашиот национален тим.


