По 11 сезони во НБА лигата и безмалку две децении профе4сионална кариера, денеска во играчка пензија замина еден од најдобрите хрватски кошаркари во 21. век Бојан Богдановиќ.
На ваков потег се одлучи поради повредите кои го мачека долго време, а поради кои од 2023 година одигра само 57 натпревари. Во февруари годинава беше трејдуван од Њујорк во Бруклин, но следниот ден објави дека ќе оди на операција која ќе му ја заврши сезоната по што Нетс одлучија да го отпуштат за да отворат место за Килијан Хејс.
„Понекогаш во животот не бираш момент, туку тој те бира тебе. По 14 месеци борба со повреда на стапалото, две операции и безброј обиди да се вратам на терените, дојде време да затворам едно поглавје. Две децении поминав на паркетот и сега дојде време да се простам од кошарката, не само како спорт, туку и како дел од себе. Имав прилика да играм за клубови кои оставија трага во европската и НБА кошарката, од Мостар и Зрињски, преку Реал, Мурсија, Цибона, Фенербахче, до Бруклин, Вашингтон, Индијанам Јута, Детроит и Њујорк. Над се беше хрватскиот грб на моите гради. Репрезентацијата не беше само должност, туку чест, емоција и идентитет“, напиша, меѓу другото, Богдановиќ.
Под негово водство, Хрватска го оствари најголемиот успех во 21. век, освојувајќи го четвртото место на Европското првенство во Словенија во 2013 година. Богдановиќ беше најдобар стрелец на Олимписките игри во Рио де Жанеиро со просек од 24,8 поени по натпревар, а дресот на националниот тим го носеше на вкупно шест големи натпреварувања.


