Капитенот на српската репрезентација Богдан Богдановиќ првпат јавно проговори за најавеното заминување на Светислав Пешиќ од селекторската позиција.
Пешиќ тоа го објави минатата недела по што почнаа нагаѓања кој би можел да го наследи, но Богдановиќ смета дека, сепак, нема да дојде до оставка бидејќи селекторот досега многу направи за националниот тим.
„Би сакал да остане, веќе коментиравме во нашата група и сите констатиравме дека не може да се случи тоа. Јас не му верувам, мислам дека ќе остане. Знаеме колку се зближивме, направивме одлична работна атмосфера, култ, победнички менталитет, а сето тоа сега може да се наруши“, порача капитенот.
Под водство на Пешиќ, Србија освои сребро лани на Светското првенство и бронза на неодамнешните Олимписки игри во Париз.


