По 15 победи во низа, Работнички ја доживеа горчината на поразот и тоа кога не смееше да си дозволи такво нешто.
Во првиот полуфинален натпревар од плејофот, Пелистер славеше во Кале со 86-63 и поведе со 1-0, нанесувајќи му го на поранешниот шампион првиот првенствен пораз во 2024 година. За битолчани, ова беше најдобар натпревар сезонава, подобар дури и од оној на почетокот од годината кога во „Јане Сандански“ го совлада МЗТ Скопје.
Во тимот на Дарко Радуловиќ функционираше речиси се, особено во второто полувреме откако првото помина во релативно израмнета игра. Работнички ниеднаш не беше водство, но и покрај контролата над резултатот од гостинскиот тим, не дозволи Пелистер да направи повисока предност. На стартот од втората четвртина беше 31-22 за битолчани, Работнички намали на -2, но Пелистер отиде на голем одмор со предност од 41-35.
Клучна беше третата четвртина која Пелистер ја доби со 26-12, а по серијата од 11-0 пред нејзиниот крај, отиде на +22 (64-42). Тоа беше тежок шок за Работнички кој до крајот не успеа да се избори ни за пристоен пораз.
Гостинските кошаркари беа подобри во секој сегмент, оствари девет скока повеќе од Работнички (43/34) и погодија 14 тројки. Планиниќ беше најдобар со 16 поени, но уште четворица кошаркари беа двоцифрени на крајот. Рикиќ го предводеше Работнички со 16 поени, а најголемо разочарување е Декоузи кој не постигна ниеден поен за речиси 22 минути во игра. Вториот натпревар од серијата се игра идниот викенд, повторно во Скопје.