Центарот на Црвена Звезда, Џоел Боломбој не мора да оди на операција по повредата што ја доживеа вчера, на дербито од АБА лигата против Будуќност во Подгорица.
Денеска тој беше подвргнат на прегледи од кои е заклучено дека ќе мора да паузира, а се уште не се знае колку долго ќе биде надвор од тимот.
„Врз основа на прегледите, Џоел Боломбој доживеал хиперекстензиона повреда на десното колено со поголема коскена модринка, без повреда на лигаментите или менискусот. Во овој момент, повредата не бара оперативно лекување, туку мирување и конзервативна терапија. Прогнозата за враќањето на терените ќе биде соопштена по контролата на клупските лекари“, пишува во соопштението на Црвена Звезда.
Отсуството на Боломбој ќе биде голем хендикеп за белградскиот клуб бидејќи тој играше во одлична форма и беше еден од најдобрите во тимот од почетокот на сезоната.


