Македонскиот стручњак Владимир Мирковски е назначен за нов тренер на Војводина откако денеска клубот објави спогодбен раскин на договорот со досегашниот шеф на стручниот штаб Милош Исаков Ковачевиќ кој одамна има здравствени проблеми.
Поранешниот тренер на Куманово и прв човек на ИБА Академија, своето деби на новата функција ќе го има в четврток во 18 часот, во четвртфиналето од Купот на Србија, против Партизан на чија клупа е Жељко Обрадовиќ. За Мирковски ова нема да биде прв ангажман во странство бидејќи неколку години помина во Кина и таму го „испече“ занаетот, но јасно е дека во Војводина ќе има тешка задача затоа што освен во српската кошарка, ќе се бори и за пласман во АБА лигата.
Тимот од Нови Сад води жестока борба за трофејот во АБА 2 каде е прв фаворит и по првите две кола е на чело на табелата во својата група со максимални 2/0. Во следниот круг го игра клучниот меч, против Цедевита Јуниор во Загреб. Со оглед на тоа што поседува „црвена лиценца“, Мирковски ќе ја води Војводина како домашен тренер.
Иако „само“ 40-годишен, Мирковски веќе има дведецениско искуство како тренер, главно на млади категории со кои освои грст медали во младинските лиги и е еден од најуспешните во Македонија. На сениорско ниво, освен во Куманово, работеше како асистент во МЗТ Скопје со кој има шампионска титула, а два пати беше прогласен за тренер на годината, во 2013 и 2015 година.
Претседател на Војводина е легендарниот српски кошаркар Жељко Ребрача со кого Мирковски тесно соработува во рамките на својата академија.


