Екипата на Вашингтон Стејт ја оствари четвртата победа во низа во НЦАА откако ноќеска славеше на гостувањето кај Орегон Стејт со 64-58.
Со тоа остана во игра за првото место својата конференција бидејќи заостанува само една победа во однос на лидерот Аризона. Повторно еден од главните протагонисти во победата беше македонскиот репрезентативец Андреј Јакимовски кој продолжи со фантастичните настапи во дресот на својот тим.
За 35 минути во игра, Јакимовски постигна 15 поени, сите од удари за тројка и беше втор стрелец во својот тим, зад Велс кој реализира 24 поени. Две од петте тројки погоди во последните три минути, по 56-53 за Кугарс со што ги однесе на +9, предност која беше недостижна за противникот.
Јакимовски сезонава има најдобра статистика во кариерата, просечно постигнува по 10,5 поени и 5,7 скока со шут за тројка од 34,6%. Вашингтон Стејт утре вечер го игра следниот натпревар, против Орегон.


