АБА лигата почна со доделувањето на индивидуалните награди пред стартот на плејофот.
Откако вчера за тренер на годината беше прогласен предводникот на Будуќност, Андреј Жакељ, денеска има уште двајца лауреати. Признанието за дефанзивец на сезоната отиде во рацете на кошаркарот на Партизан, Исак Бонга. Тој доби 16,7% од гласовите на тренерите, новинарите и навивачите, а зад него останаа Кенан Камењаш од Будуќност и Жоан Беринже од Олимпија.
За најдобар млад играч е прогласен Богољуб Марковиќ од Мега со што продолжува доминацијата на белградскиот клуб во оваа категорија. Марковиќ дојде до наградата со невидена доминација бидејќи доби 74,9% од гласовите. Ова признание се доделува 10 години (со исклучок на 2020 кога сезоната беше прекината поради ковид пандемијата), а пет пати го освоија кошаркари на Мега: Никола Јокиќ, Филип Петрушев, Никола Јовиќ, Никола Ѓуришиќ и сега Богољуб Марковиќ. Дури и кога во 2019 година за најдобар млад игра беше прогласен Гога Битадѕе, формално како член на Будуќност, безмалку цела сезона ја помина во Мега.


