Младинскиот репрезентативец на Македонија, Петар Бошалески во новата сезона ќе го носи дресот на Пелистер, откако истече договорот со неговиот досегашен клуб Работнички.
Тој е шесто засилување за актуелниот вицешампион, а четврто домашно, по Бобан Стајиќ, Виктор Ташовски и Димитар Пандев. Бошалески е еден од најперспективните млади кошаркари во Македонија, одличен шутер и член на сите младински селекции. Минатата сезона со У20 репрезентацијата го освои второто место на Европското првенство Б-дивизија во Скопје, а летово учествуваше на младинскиот Еуробаскет што се одржа во Полска.
Бошалески мошне млад дебитираше за првиот тим на Работнички, на само 16 години, играше и во АБА 2 лигата и до минатата сезона беше стандарден член на скопскиот клуб. Во кампањата 23/24 одигра 19 натпревари за Работнички во Првата лига, но поради големата конкуренција, имаше лимитирана минутажа. Пелистер ќе биде голема шанса за него да го потврди својот талент и квалитет и да напредува на играчки план.


