Иако регуларно обезбеди пласман во елитната дивизија од АБА, како освојувач на титулата во АБА 2, поранешниот европски шампион Босна денеска го откажа своето учество во регионалното натпреварување.
Тоа го објави преку соопштение на социјалните мрежи каде ги објасни причините за ваквата одлука.
„На прво место, бевме одбиени од две сали во Сараево каде упативме барања, а за кои сметавме дека постојат технички капацитети за одржување на натпреварите. Поставени се предуслови на кои нашиот клуб не може да влијае. Втората причина е целосната неизвесност околу конечниот буџет на клубот за настап во никогаш посилната АБА лига. Наша цел беше да станеме стабилен учесник со највисоки спортски амбиции. Во следната сезона нашиот клуб во сениорска конкуренција ќе се натпреварува исклучиво во првенството и во Купот на БиХ. Обезбедивме место во АБА 2, но натпреварувачкиот концепт на таа лига е пласман во повисоко ниво и не гледаме смисла повторно да се бориме за нешто за што не сме сигурни дали ќе имаме услови и идната година“, пишува, меѓу другото, во соопштението од Кошаркарскиот клуб Босна.
Сараевскиот клуб го чекаше пласманот во АБА лигата точно деценија и пол, од 2010 година. Кога на крајот успеа во својата намера, мораше да го откаже своето учество и прашање е дали ќе се врати таму во блиска иднина, особено по новиот развој на настаните, зголемувањето на бројот на екипите, како и квалитетот на ова натпреварување.


